Богески: Ги увидовме проблемите во Архивот, тргнуваме со силни чекори напред
Во вчерашното издание на Дневникот на Сител ТВ, директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески, гостуваше во „Тема на денот“, каде зборуваше за работата и дејноста на институцијата. Тој посочи дека во изминатите десет години нивото на работа било намалено, главно поради тоа што лицата кои биле на менаџерските позиции не биле доволно стручни и не успеале да се снајдат во средината, туку мандатот го поминале формално, само за да бидат на тие позиции.
„Добро е што веќе ги идентификувавме одредените проблеми и тргнавме со силни чекори напред за да ги исправиме, за што и самите сте сведоци, како што споменавте на почетокот, дека стануваме сè подостапни за јавноста. Луѓето сè повеќе можат да видат дека постоиме, а сега нашата задача е да им објасниме што сè поседуваме за да ги поттикнеме да дојдат и да истражуваат“, рече Богески.
Директорот упати повик до приватните лица кои поседуваат значаен архивски материјал да го предадат во просториите на Архивот, истакнувајќи дека тоа е единствената институција каде што ваквите документи треба да бидат сместени.
„Кога станува збор за приватните колекции, односно приватниот архивски материјал од значајни личности или институции, точно е дека дел од нив се наоѓаат кај приватни лица. Ние, како Државен архив, повеќепати годишно упатуваме повик до тие лица. Имаме формирано и комисија која, согласно правилниците за работа, е задолжена да пронаоѓа ваков тип документација, да стапи во контакт со приватните сопственици и врз основа на откуп, подарок или друг вид договор да го прибере материјалот во Архивот. Со самото предавање, ние преземаме грижа за документите и преку нашите одделенија и сектори работиме на нивно обработување и публикување“, истакна Богески.

Тема на денот со Димитар Богоески, директор на Државниот Архив – YouTube