Директорот на Државниот архив на Македонија, м-р Димитар Богески, гостуваше во емисијата „Неделен магазин“ на Македонската радио-телевизија, каде што говореше за претстојниот јубилеј – 75 години од основањето на институцијата. Во разговорот тој истакна дека Државниот архив претставува еден од фундаментите на македонската национална историја и државност, како и континуитет во развојот на културното и националното минато на македонскиот народ. Богески потсети дека основната цел на Архивот е да води евиденција за тоа каде се наоѓа архивската граѓа, да ја собира, конзервира и реставрира, но и да ја прави достапна преку публикување за научно-истражувачката јавност.
„Сите фондови на Државниот архив се бесценети. Тие се континуитетот на македонската државност – море од документи што го сведочат нашето културно наследство, нашето значење и нашето битие“, нагласи директорот Богески.
Тој се осврна и на одредени аномалии што постоеле во минатото, посочувајќи дека институцијата денес работи на нивно надминување со јасна визија и со големи чекори напред. Според него, Архивот станува сè поприсутен и попознат во јавноста, а сите негови сектори функционираат со целосен капацитет, што резултира со нови изданија – книги, документи и публикации кои се ставени на располагање на научната и стручната заедница.
Богески зборуваше и за дигитализацијата како клучен процес за зачувување на документарното богатство. Со современи технологии, како што истакна, се обезбедува трајна заштита на материјалите и нивна поголема достапност за граѓаните и истражувачите.
Во пресрет на јубилејот, директорот порача дека 75-годишнината не е само бројка, туку потсетник на огромната одговорност што ја носи институцијата како чувар на државната меморија и идентитетот на македонскиот народ.
