Државниот архив на Македонија вчера го одбележа јубилејот – 75 години од основањето, под мотото „Државниот архив – столб на македонското битие. Институцијата е формирана во 1951 година со указ на тогашната Влада, а денес пред неа стои голем предизвик: дигитализацијата на архивските материјали.
Директорот Димитар Богески изјави дека се прават анализи за финансиската рамка на процесот, кој треба да ги опфати не само централниот архив, туку и деветте подрачни одделенија.
„Како пилот-проект, Архивот веќе има соработка со Владата на Словенија за развој на информациски систем, каде дигитализираните материјали ќе бидат достапни за научната јавност и граѓаните. Доаѓа ерата на електронски документи, кои мора да се складираат и заштитат од кибернапади“, нагласи Богески, додавајќи дека недостигот на ИТ кадар се надоместува со обуки и дооформување на знаењето на вработените.
„Архивот се гордее со своите раритети – најстар е Евангелието на Лука од 12. век, пронајдено во фондот на охридското семејство Робевци, како и богатата документација од османлискиот период. Имаме документи што ни самата Османска империја ги немала, како Битолскиот кадилак, кој во континуитет од 1629 до 1912 година се чува кај нас“, рече директорот, нагласувајќи дека оригиналите остануваат во Македонија.
По четири децении во стариот објект, Архивот од 2014 е сместен во нова зграда, каде првично имаше проблеми со протекување и оштетување на документи. Богески увери дека состојбата е значително подобрена, а секторот за конзервација и реставрација е засилен со нови кадри. Додаде дека дополнително, во мај ќе биде испратен тим на дообука во Турција за современи методи на заштита.
„Институцијата има и програма за набавка на документи поврзани со Македонија од странски архиви, во соработка со Институтот за национална историја и Филозофскиот факултет. Во моментов се работи и на попис на околу 3.500 микрофилмови донесени од други земји, кои досега не се обработени. Очекуваме да откриеме голем број значајни документи за нашата држава“, истакна Богески.
Со јубилејот, Архивот ја потврди својата улога како чувар на државноста и колективната меморија, а иднината ја гледа во дигитализацијата и модерните технологии.
