Вчера, во Мултимедијалниот центар Мала станица при НУ Национална галерија беше свечено промовирана изложбата „Beyond Yesterday“, или на македонски јазик „Отаде вчера“. Во присуство на многубројни претставници на дипломатскиот кор, граѓански здруженија, архивисти и други гости, на настанот се обрати директорката на Државниот архив, проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, амбасадорот на Романија, Н.Е Моника Адела Аксинте, д-р Константин Д. Каталин како автор на изложбата.
До крајот на месецот сите граѓани ќе можат да ја погледнат изложбата која e создадена од професорот Константин така што ги пресоздал фотографиите што ги направиле браќата Манаки пред повеќе од еден век. Се работи за визуелен проект преку кој се лоцираат оригиналните места од фотографиите на Манаки и за наративите што се развивале додека авторот ги посетувал тие места. Накратко, се работи за антрополошко патување на Балканот при што се доловени сцени од аромански села.
За потребите на изложбата, авторот го користел фондот „Браќа Манаки“ на Државниот архив, кој претставува движно културно наследство од особено значење. Организатори на настанот беа амбасадата на Романија и Државниот архив, кој се реализираше во рамки на прославувањето 30 години дипломатски односи меѓу двете држави.
Организаторите изразуваат јавна благодарност до раководството и вработените на НУ Национална галерија, кои овозможија изложбата да биде поставена.



