МАКЕДОНИЈА НИЗ ВЕКОВИТЕ
МАКЕДОНИЈА ВО АНТИЧКИОТ ПЕРИОД
(од првиот милениум пред н.е. до крајот на VI век)
Македонија (lat. Macedonia) е држава во централно-источниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа во антиката на североисток се граничеше со Тракија, на северозапад и запад со Илирија и Епир, а на југ со Тесалија (Грција). Територијата на Македонија уште од првиот милениум пред н.е. беше населена со македонски племиња, население што претставуваше една тракиско-илирска етничка симбиоза.
Во првата половина на VII век пред н.е. кралот Пердика ја основа првата држава на територијата на Македонија. Македонската држава најголемата афирмација ја достигна во IV век п.н.е, во периодот на владеењето на Филип II (359-336 година п.н.е.), кој ги освои грчките држави, и на Александар Македонски (336-323 година п.н.е.), кој успеа малата македонска држава да ја претвори во една империја што се простираше на три континенти. Во новите територии тој ја прошири и грчката култура, формирајќи еден нов културен универзум, познат во историјата како период на елинистичката култура. Оваа империја Александар Македонски успеа да ја реализира благодарение на личните способности и на силната македонска војска (познатата “македонска фаланга”), по победите во битките кај Граник (334 година п.н.е.), Ис (333 година п.н.е.), Гавгамела (331 година п.н.е.) итн.
По смртта на Александар Македонски големата Македонска Империја почна постепено да се распаѓа. Во 148 година од н.е., по трите македонско-римски војни, Македонија беше претворена во римска провинција. Во периодот на римското владеење тука се разви и соодветен економски и културен живот. По поделбата на Римската Империја во 395 година од н.е. на Западно и Источно Царство, Македонија потпадна под Византија.
МАКЕДОНИЈА ОД ДОАЃАЊЕТО НА СЛОВЕНИТЕ ДО НЕЈЗИНОТО ОСВОЈУВАЊЕ ОД ОСМАНЛИИТЕ
(од крајот на VI до XIV век)
Кон крајот на VI и во почетокот на VII век Македонија масовно беше населувана од словенските племиња – Драговити, Велегезити, Берзити, Сагудати, Рихнити и други. Македонија се словенизира со асимилирањето на малобројното преостанато претсловенско население и се формираа т.н. “Склавини”. Во IX век македонското население се христијанизира. Во раниот феудализам земјата беше потресувана од силни религиозни и антифеудални движења (Богомилското движење).
Во периодот на раниот феудализам во Македонија силно се разви културата и писменоста. Солунските браќа Кирил и Методиј ја создадоа словенската азбука, а Климент Охридски организира голема книжевна школа во Охрид (со околу 3500 ученици). Во периодот на царот Самоил (969-1018) се формира моќна феудална држава со центар во Македонија. Самоиловата држава, покрај Македонија и делови од Бугарија, опфаќаше и делови од Србија, Албанија, Грција (Тесалија и Епир), Босна и Херцеговина. По 1018 Македонија падна под византиска власт. Охридската архиепископија ја продолжи својата црковна дејност.
Во периодот на феудализмот во Македонија се градеа црковни објекти (цркви и манастири), кои денес се вистински архитектонски бисери (Св. Софија, Св. Климент, Св. Наум, Св. Пантелејмон, Св. Јован Бигорски, Лесновскиот манастир итн.). Во текот на средновековието (1282 -1371), извесно време Македонија беше и под српско владеење.
МАКЕДОНИЈА ВО ОСМАНЛИСКИОТ ПЕРИОД
(1371-1912)
По Маричката битка (1371) Македонија падна под турско-османлиското владеење кое траеше до 1912 година. Со доаѓањето на Османлиите етничката карта на Македонија претрпе огромни промени, како последица на присилната емиграција на македонското население, на турската колонизација и на исламизацијата на дел од македонското население.
Отпорот на македонскиот народ во периодот на турско-османлиското владеење најчесто се манифестираше преку кревање народни востанија: Карпошовото (1689), Разловечкото (1876) и Кресненското (1878). Кон крајот на XIX и во почетокот на XX век се забележува силен процес на културна и политичка еманципација на македонското население, како и афирмирање на македонската национална свест. Тоа е периодот на народна и културна преродба, предводена од браќата Димитар и Константин Миладинови, Григор Прличев, Ѓоргија Пулески, Крсте Мисирков и др.
Паралелно со културната еманципација, се одвиваше и процесот на политичката еманципација на македонскиот народ. Во 1893 година се поставија темелите на Македонската револуционерна организација (ВМОРО, ВМРО). Целта на организацијата беше по пат на револуција да се постигне политичка автономија на Македонија. Активноста на Македонската револуционерна организација кулминираше со големото Илинденско востание и Крушевската Република во 1903 година.
По Илинденското востание балканските држави (Бугарија, Србија и Грција) ја засилија својата активност – просветна, црковна, како и оружена, со испраќање чети во Македонија.
Положбата на Македонија не се подобри ни за време ни по Младотурската револуција (1908), а обидите на големите европски сили за реформи во Македонија исто така не ги дадоа саканите резултати.
МАКЕДОНИЈА ВО ПЕРИОДОТ НА БАЛКАНСКИТЕ И ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА
(1912 – 1918)
Балканските војни (1912-1913) имаа цел да се протера турско-османлиската власт од Балканскиот Полуостров. Пред почетокот на Првата балканска војна балканските држави развија широка дипломатска активност, што кулминираше со создавањето на Балканскиот сојуз меѓу Бугарија, Србија, Грција и Црна Гора (1912), чија цел беше поделба на Македонија.
Во Првата балканска војна (октомври 1912), државите – членки на Балканскиот сојуз и нанесоа тешки порази на Турција. Македонското население, поддржувајќи ги сојузничките војски, преку Македонската револуционерна организација организира 90 вооружени чети, а околу 15.000 лица се вклучија во т.н. Македонско-одринско ополчение.
Недоразбирањата меѓу сојузниците за поделба на освоените територии беше причината за Втората балканска војна меѓу Бугарија, од една страна, и Србија, Грција, Романија, Турција и Црна Гора од друга (јуни-август 1913). Бугарија беше брзо поразена и принудена да го прифати Букурешкиот мир (август 1913), со кој Македонија беше поделена меѓу Грција, Србија и Бугарија.
Во периодот на Првата светска војна (1914-1918), Македонија повторно беше театар на воени операции меѓу Централните сили и силите на Антантата. На Македонскиот фронт војуваа речиси милион војници на спротивставените воени сојузи. Првата светска војна, како и Балканските војни, имаа тешки политички, етнички и економски последици за Македонија, а македонското население беше подложено на политика на геноцид и на етничко чистење од македонскиот простор. Париските мировни договори ја потврдија поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор, со мали територијални отстапувања.
МАКЕДОНИЈА ВО ПЕРИОДОТ МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ
(1919 – 1941)
Со Балканските војни и со Букурешкиот мировен договор Македонија беше поделена меѓу Грција (егејскиот дел на Македонија, 34.356 км2), Србија (вардарскиот дел на Македонија, 25.713 км2), Бугарија (пиринскиот дел на Македонија, 6.798 км2) и подоцна Албанија, која доби еден мал дел од македонската територија (Долна Преспа).
Со територијалната поделба на Македонија балканските држави почнаа да спроведуваат политика на денационализација и асимилација на македонското население. Македонското име, македонскиот јазик и македонските народни културни и историски традиции беа забранети.
Истовремено, со политиката на денационализација и асимилација, балканските држави спроведуваа и политика на прогонување на македонското население и колонизирање на инородно (немакедонско) население во Македонија, со желба да го сменат нејзиниот етнички состав. Во еден краток историски период од Македонија беа протерани 130.000 Македонци и на нивното место беа колонизирани 718.000 лица инородно население (618.000 различно христијанско население во егејскиот дел на Македонија и 100.000 Срби во вардарскиот дел на Македонија).
Македонскиот народ преку македонското национално движење (комунистичката левица и ВМРО-Обединета) и даде силен отпор на политиката на асимилација и денационализација, афирмирајќи ги македонската нација и македонскиот јазик. Исто така, Македонската револуционерна организација (ВМРО) преку комитската активност ја спречуваше српската политика за колонизација на Македонија.
Во овој период се афирмираа македонската национална политичка мисла и македонските национални културни вредности преку печатот, драмите и стихозбирките на македонски јазик и со формирањето на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938).
МАКЕДОНИЈА ВО ПЕРИОДОТ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА
(1941-1945)
Во периодот на Втората светска војна (1941-1945), Македонија повторно беше поделена меѓу фашистичка Германија, Италија и царска Бугарија. Бугарија го анектира најголемиот дел од Македонија: делови од Егејска Македонија (до реката Струма) и делови од Вардарска Македонија; Италија ги анектира западниот дел на Македонија и западните делови од Егејска Македонија; централна Македонија (со Солун) остана под германска и грчка административна управа.
Во Втората светска војна македонскиот народ активно учествуваше во антифашистичката борба. Под раководство на Покраинскиот комитет на КПЈ беа формирани партизански и воени одреди, а при крајот на војната и баталјони, дивизии и корпуси. Речиси 70.000 Македонци учествуваа во антифашистичката борба во вардарскиот, егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, а повеќе од 17.000 ги дадоа своите животи за слободата на македонскиот народ. Исто така, во војната настрада и еврејското население. Речиси 53.000 Евреи од Македонија (46.000 од Егејска и 7.000 од Вардарска) беа собрани и испратени во фашистичките логори на смртта (Биркенај и Треблинка).
Во текот на Втората светска војна се афирмираа македонските национално-јазични вредности: беа публикувани 50 весници на македонски јазик, се создаде македонска азбука, се отворија првите македонски училишта, македонскиот јазик се воведе и во богослужбата. На 2 август 1944 година на Првото заседание на АСНОМ што се одржа во манастирот. “Св. Прохор Пчињски”, се ставија темелите на првата македонска национална држава во рамките на Југославија.
МАКЕДОНИЈА ВО ПОВОЕНИОТ ПЕРИОД
(1945-1991)
По формирањето на македонската држава почна процесот на национално-културна афирмација на македонскиот народ, како и подем на стопанството и индустријата. Се формира државната инфраструктура, се кодифицира македонскиот јазик и се формираа македонските национално-културни институции (Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Институтот за македонски јазик, Државниот архив на Република Македонија, Институтот за национална историја, Македонската академија на науките и уметностите). Во 1967 година се прокламира автокефалноста на Македонската православна црква итн.
Воведувањето на еднопартискиот политички систем и укинувањето на пазарната економија и на политичките слободи, сепак имаше и негативно влијание врз целокупниот општествен, политички и демократски развиток на македонската држава.
По 1945 година Бугарија го смени својот став во однос на македонското национално прашање. Во пиринскиот дел на Македонија, во периодот на т.н. културна автономија (1946-1948), беше признаена македонската нација, македонскиот јазик беше воведен во наставниот процес, а беше формиран македонски театар и беа отворени македонски книжарници.
По договорот од Варкиза (1945), во Грција македонското име и македонскиот јазик повторно беа забранети и грчките власти спроведуваа политика на бел терор спрема Македонците. Поради тоа, Македонците масовно учествуваа во Граѓанската војна (1946-1949) на страната на Демократската армија на Грција (ДАГ). По поразот на ДАГ речиси 55.000 Македонци, меѓу кои 28.000 деца, беа принудени да бараат спас во источноевропските земји, а 20.000 Македонци ги дадоа своите животи.
Во Албанија по 1945 година Македонците беа признаени како македонско национално малцинство и македонскиот јазик беше воведен во наставниот процес.
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА КАКО САМОСТОЈНА И СУВЕРЕНА ДРЖАВА
(1991 – 1995)
По распадот на Југославија, Република Македонија се прокламира за независна држава. На 8 септември 1991 година беше организиран референдум, на кој македонскиот народ плебисцитарно се изјасни за самостојна и суверена македонска држава. На 17 ноември 1991 година Парламентот на Република Македонија го усвои Уставот, кој свечено беше прогласен на 20 ноември истата година.
По прокламирањето на независноста, почна процесот на меѓународното признавање на Република Македонија. Поради пречките од Република Грција (непризнавањето на државното име, јазикот и знамето), Република Македонија стана членка на Обединетите нации (ОН), на Европскиот совет и на други меѓународни организации под референцата ФИРОМ. Република Македонија има воспоставено дипломатски односи со многу земји во светот, од кои мнозинството од нив (79 земји) ја признаа под нејзиното уставно име – Република Македонија.
Република Македонија се развива како демократска и граѓанска држава. По демократизацијата на плуралистичкиот политички систем, економијата се ориентира и се организира врз принципите на пазарната економија, со сите тешкотии специфични на економско-политичката транзиција од еден во друг систем. Надворешната политика на Република Македонија е политика на соработка и разбирање со сите соседи и е фактор на мирот и стабилноста на Балканот.