AngelUzunov

АНГЕЛ УЗУНОВ – СПОМЕНИ

Кон крајот на 2014 година излезе од печат книгата „Ангел Узунов – Спомени“ издание на Државниот архив на Република Македонија.

Спомените на Ангел Узунов, за разлика од спомените на други македонски револуционерни дејци, се поткрепени со изворни документи на Македонската револуционерна организација и со голем број писма од богатата коресподенција со македонските идеолози, револуционери и војводи, зачувани во неговата архива.

Во спомените на Ангел Узунов за прв пат се запознаваме со нови досега непознати моменти и документи од животот на неговиот брат Христо Узунов, за дејноста на Тодор Александров, Иван Михајлов и за голем број македонски револуционери. Посебен простор зазема пишувањето за неговиот брат Христо, во кои се гледа неговата љубов, приврзаност, почит и восхитеност кон делото на брат му. Потенцирана е блиската соработка, пријателството, дружењето и коресподенцијата на неговиот брат со членовите на ЦК и лидерите на ВМРО, Тодор Александров и Иван Михајлов, но и на неговите размислувања и несогласувања со некои нивни ставови и постапки.

Ангел Узунов долги години извршувал одговорни задачи во Македонската револуционерна организација и бил сведок на сите премрежија и расцепи во Организацијата.

Спомените на Ангел Узунов, односно неговиот револуционерен пат, се изворни сведоштва за најзначајните настани и процеси од историјата на Македонија и на Македонската револуционерна организација: Илинденското востание, Младотурската револуција, Балканските војни, Првата светска војна, дејноста на македонската емиграција во Бугарија по Првата светска војна, судирите и меѓусебните убиства во ВМРО и поделбата на двете струи во Организацијата (михајловистичката и протогеровистичката ВМРО).

Ангел Узунов го завршил пишувањето на Спомените во 1974 година, кога веќе имал увид во голем број објавени спомени на македонските дејци и револуционери.

Ангел Узунов потекнува од просветителско револуционерно семејство Узунови. Неговиот татко Димитар, бил меѓу првите учители во Охрид, неуморен работник на просветното поле и познат борец против грцизмот, за што и бил убиен во 1887 година во Куманово. Неговите браќа Христо и Антон, како истакнати револуционери, војводи и борци на Македонската револуционерна организација храбро ги положиле животите во судирите со турскиот аскер. Нивното дело до крајот на животот го продолжил најмалиот брат Ангел Узунов, дочекувајќи го ослободувањето на Македонија.

Ракописните спомени на Ангел Узнов се објавени изворно, така како што тој ги пишувал, нередактирани и со многубројни интересни прилози и додатоци, коишто се приложени кон спомените според хронологијата на настаните.

Најнови објави

Движете нагоре