nas2-predlog

1-ви април, ден на архивите и архивистите во Република Македонија

Појавата на архивското дело во Македонија датира уште за време на антиката, за што говорат 950.000 документи забележани на пергамент и плочки, кои биле чувани во познатиот Александриски архив, но за жал, поради опожарувањата, не се сочувани.

Во средновековието архивското дело во Македонија се поврзува со Кирило-методиевската традиција. Во манастирите и црквите се инвентарирале и чувале голем број старословенски ракописи. Оттаму и најстариот документ што се чува во Државниот архив на Р Македонија (ДАРМ) е Евангелието на Св. Апостол Лука од 12 век. За време на османлиското владеење црквите и џамиите ја имале улогата на архиви.

Во периодот од 18 – до почетокот на 20 век во Македонија се случиле бројни историски промени, настани и личности. Доаѓа до неколку востанија: Разловечкото, Кресненското, Илинденското и други. Значајна документација настанува како резултат на револуционерно-ослободителната активност на Македонската револуционерна организација (ТМОРО, ВМОРО, ВМРО) и на многу други македонски организации и дејци. Во периодот на Балканските војни, Првата светска војна и меѓу двете светски војни е создадена обемна и значајна документација. Во Втората светска војна македонскиот народ извојува национално ослободување и со АСНОМ-ските одлуки ја формира македонската држава во југословенската федерација. Се дотогаш, низ Македонија пустошеле странските пропаганди и окупатори, како и бројни злонамерни истражувачи кои го разнесувале архивското богатство на Македонија.

По Војната се создаваат услови за основање на низа државни и национални институции, меѓу кои е и архивската служба на Македонија. Во прво време улогата на архиви ја имале Музејот на Македонија, Архивот при ЦК на КПМ, ИНИ и архивските средишта при народните одбори. Во 1951 година, врз основа на Законот за државните архиви на НРМ, на 1 април е формиран Државниот архив на НРМ (од 1965 година го носи името Архив на Македонија, а од 2000 година – Државен архив на Република Македонија). Затоа го одбележуваме овој ден како ден на архивите и архивистите во Република Македонија.

Во периодот 1951-1962 година е комплетирана мрежата на околиски архиви во во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Штип, Струмица и Тетово. Во периодот 1965-1990 тие дејствуваат како меѓуопштински архиви, под името Историски архиви. Од 1990 до денес тие се Подрачни одделенија во составот на ДАРМ како единствена управна организација.

Државниот архив во прво време се среќавал со бројни објективни проблеми: немање простор за депоа, несреденост на фондовите кај имателите, отсуство на стручен кадар, неразвиена методологија итн. Меѓутоа, како резултат од залагањето на првата генерација на раководители и архивисти, како што се Тодор Талески, Димче Мире, Трајко Зајковски, д-р Милош Константинов и други, како и на залагањето на втората генерација архивисти, доаѓа до сестран развој на архивската служба на Македонија. Изградени се современи згради и депоа. Денес Државниот архив брои околу 270 вработени од кои ¾ е стручен високообразован кадар (а започнал со само три). Донесени се неколку архивски закони и бројни уредби и упатства со кои се регулира канцелариското и архивското работење на имателите и работата во ДАРМ. Развиена е методологијата на стручната работа кај имателите и во Архивот. Како резултат на работењето на Инспекциската и тн. Надворешна служба од имателите во Архивот се повеќе се прима одбран и среден архивски материјал со описи и пописи. Во Архивот се средени и обработени бројни фондови и збирки, за нив се изработени научно-информативни средства кои се внесени во АОП базите и може лесно да се пребаруваат и користат од научните истражувачи и граѓаните на Република Македонија. Државниот архив разви богата меѓународна и билатерална активност и оствари бројни архивски истражувања во странски архиви. Забележителна е издавачката дејност на ДАРМ која брои неколку стотини монографски изданија и зборници на документи. Во депоата на ДАРМ се чува над 25 километри архивски материјал, околу 8 милиони микроснимки и ксерокскопии итн. Итн. За резултатите на Државниот архив може уште многу да се зборува.

Државниот архив ги следеше и соодветно реагираше на општествените промени во овој 25 годишен период на егзистирање на самостојна и независна Република Македонија. Се прибра значајна документација од Претседателот на државата, Собранието и Владата на Република Македонија, од секретаријати, агенции и сл. Во процесот на денационализација ДАРМ им излезе во пресрет на 24.000 граѓани и семејства. Илјадници граѓани остваруваат права од имотно-правен карактер, работен стаж и сл. Историската наука се повеќе го користи обработениот архивски материјал во ДАРМ. Архивот кадровски се освежува со млади научни работници. Меѓутоа, ДАРМ денес се среќава со бројни предизвици: електронските документи, дигитализација на архивскиот материјал, следење на современа архивистичка литература, примена на светските стандарди итн.

Кога говориме дека 1 април е истовремено и ден на архивистите ќе поставам неколку прашања. Колку ние архивистите придонесуваме со својот труд и знаење во афирмација на ДАРМ и на нашата држава? Несомнено дека нашиот придонес е значаен. Но дали тој придонес доволно се вреднува од институциите на системот. До каде се стимулира нашето стручно усовршување? До каде сме со размената на искуства и унапредување на методологијата на работа. До кој степен ги следиме современите текови на светската архивистика. На овој план има доста простор за работа.

ДАРМ денес e современа архивска институција со статус и ингеренции на државен орган. Тој со својата организираност и програмска ориентација одговара на општествените потреби, на стручно-научните дострели и на многубројните барања на институциите и граѓаните. ДАРМ претставува ризница на националните вредности на македонската, албанската, турската и другите етнички заедници што живеат во Република Македонија. ДАРМ всушност претставува најбогат и највреден културно-историски трезор, но и крупен информативен центар во државата. Тој, со своите фондови и документи има национална вредност и е составен дел на светското културно богатство. Државниот архив претставува почетна дестинација од која се тргнува во проучувањето на генезата и историскиот развој на македонската нација, македонскиот јазик, историја и култура и во нивната афирмација на меѓународен план. Во изминатиов период на работа и постоење Државниот архив на Република Македонија целосно го оправда своето постоење и се докажа и афирмира како важен столб на македонскиот идентитет, самобитност и државност.

Затоа, нека ни е честит 1-ви април денот на архивите и архивистите во Република Македонија. Господ вечно да го поживее Архивот, тоа важно упориште на нацијата и државата. А, ние архивистите да се крепиме со добро здравје, посветена работа и поголеми резултати.

д-р Иван Алексов

Најнови објави

Претставник на Државниот архив, м-р Вулнет Исени, учествуваше на меѓународна конференција посветена на историја на архивите во Општина Тузи, Република Црна Гора

Раководителот на одделението на Државниот архив од Куманово, м-р Вулнет Исени, учествуваше на V меѓународна

Дознај повеќе...
Движете нагоре