Со посетата на одделенијата на Државниот архив во Битола, Прилеп и Велес, се заокружи, практично, запознавањето на новиот директор д-р Емил Крстески со вработените и со работата на сите одделенија низ земјава. Делегацијата на ДАРСМ во која беа и заменик директорот д-р Музафер Бислими и државниот советник М-Р Сашо Јанкуловски, во Битола разговараше со Мери Решњак за можностите за подобрување на условите за работа и за поголема отвореност на Архивот спрема институциите и граѓаните. Овие теми беа во центарот на вниманието и на средбите со раководителите на одделенијата во Прилеп и во Велес, Елена Чагорска и м-р Наумче Ризоски. Притоа беше нагласена и потребата од поскоро завршување на реновирањето на дел од зградата во Прилеп, како и потребата од кадровско доекипирање во одделението во Велес.
Директорот д-р Емил Крстески со соработниците во Битола и Прилеп оствари и работни средби со градоначалниците на овие општини, Наташа Петровска и Илија Јованоски. Во разговорот со нив Крстески ја потенцираше готовноста на Државниот архив за потранспарентна и поинтензивна соработка со овие општини, што беше оценето дека е од заемен интерес и беше со задоволство прифатено од страна на градоначалниците. Посебно беше нагласена соработката на Одделението Битола со општината околу подготовката на неколку изложби што треба да се реализираат во наредниот период.