“Македонија во документите на ЦИА” претставува истражување и избор на особено важна декласифицирана документација на разузнавачките служби на САД за Македонија, кои се наоѓаат во Централна разузнавачка агенција – ЦИА (Central Intelligence Agency – CIA), а се објавени на нејзината интернет страница: https://www.cia.gov/library/readingroom/. Редакторот имал можност да спроведе иницијални истражувања на необјавувани документи поврзани со историјата на Македонија, кои се депонирани во Националниот архив на САД и во Конгресната библиотека во Вашингтон како и во Военоисторискиот институт на Армијата на САД во Карлисл, Пенсилванија.
Вториот том опфаќа документи од 1951 година кога е потпишана Спогодбата за воена помош меѓу владите на Федеративна Народна Република Југославија и САД како пресвртен момент за подобрување на односите меѓу двете држави, низ годините на студената војна преку распаѓањето на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и стекнувањето на независноста на Република Македонија во 1991 година заклучно со импликациите од војната во Босна и Херцеговина врз состојбите во Република Македонија и атентатот врз претседателот Киро Глигоров во 1995 година.
Во том 2 на едицијата се објавени вкупно 175 документи со нумерација во продолжение од нумерацијата од првиот том на едицијата, така што првиот документ во том 2 започнува од реден број 1 заклучно со број 175. Документите се хронолошки подредени, со различни форми и содржини кои на јавноста ѝ овозможуваат да стекне сознанија и да изврши увид во начинот и методите на функционирањето на ЦИА која уште од своето формирање имала голем интерес за дејствување во Македонија. Примарен интерес во изборот на документите за оваа едиција ни беше спомнувањето на Македонија и Македонците во истражувањата и анализите, разузнавачките извештаи, информативни извештаи, специјални извештаи, процени и белешки, билтени, меморандуми и дневни и неделни прегледи на отворени извори и другите документи на ЦИА често пати степенувани и како најдоверливи, односно како врвна тајна (TOP SECRET).
Покрај политичките димензии на македонското прашање, едицијата содржи и документи во кои се обработени прашањето за Македонската православна црква, за македонскиот јазик, изградбата на сообраќајната инфраструктура, армиските и полициските капацитети, активностите на Управата за државна безбедност, борбен распоред на армиските единици, воени објекти, аеродроми, рудни наоѓалишта на ураниум и други вредни суровини, развојот на македонското земјоделство, стопанството, изградба на фабрики и електрани, севкупен развој на економијата, демографските и етнографските карактеристики, географски истражувања, општините во Народна Република Македонија и официјални лица од политичките раководства и комитети, активностите на Комунистичката партија на Македонија/Сојузот на комунистите на Македонија, активностите на Внатрешната македонска револуционерна организација, прашањата за македонската емиграција, работничките сојузи, пензионерски здруженија, радиоаматерите и авијатичарски клубови, затворите и судскиот систем, активностите на македонското собрание, положбата на жената во општеството и други сегменти на извршната, законодавната и судската власт. Не помалку интересни и важни за ЦИА биле и податоците за временските услови во определени периоди како и следење на научноистражувачката работа и објавените публикации предмет на интерес на разузнавачите на ЦИА.
Документите што ги објавуваме во факсимил се дадени изворно со назнака на интернет страницата под кои се достапни во електронската архива на ЦИА и датумот на последна проверка. Истражените документи од архивата на ЦИА претставуваат значаен материјал за македонската историска наука и особено важна научна аргументација за справување со предизвиците во надворешната политика. Имајќи ја предвид важноста на сведоштвата на американските разузнавачки служби за Македонците ги објавуваме документите во факсимили со превод и коментари на македонски јазик во двотомната едиција „Македонија во документите на ЦИА“.