Државниот архив на Република Северна Македонија продолжува со издавањето на серијата „Турски документи за историјата на Македонија, пописи од XIX век“ – за Скопскиот Санџак, овој пат за Тетовската Каза за периодот 1832/33 година, што всушност претставува продолжение на серијата почната од ДАРСМ од 2017 година. Целта на овие први модерни пописи, особено за исламското население за разлика од претходните општи пописи е јасна: постојано да се има точна и прецизна евиденција за бројот на военоспособните од исламското население за разлика од христијанското население, кое наместо учество во воените походи било задолжено да даде посебен данок, а со тоа било и ослободено од учество во самите воени походи. Пописите се сметале за основни и веродостојни показатели за целокупната состојба на населението и содржат важни податоци за бројот на населението на територијата на Македонија за време на османлиското владеење директно од самите османлиски официјални служби.
Овој попис на население спроведен од османлиската држава е првиот модерен попис на територијата на државата, за разлика од општите пописи извршени претходно од XV и XVI век, кои претежно се однесувале на различни даноци, односно само на даночно обврзаното население. Имено, станува збор за попис на население од исламска вероисповед на маалата во Тетово – вкупно 8 маала, селата кои се наоѓаат на горниот ракав – вкупно 66 села, селата на ракавот од речниот теснец – вкупно 8 села, долниот ракав – вкупно 27 села, и селата од Дервенд вкупно 14 села на казата Тетово во првата половина на XIX век (1832/33).
Истовремено, овие пописи општо служеле и како евиденција на државата за општата состојба на населението слично како и денешните матични изводи бидејќи сè до следните пописи овие пописи се сметале за веродостојни. Податоците претставени преку ова издание за пописот на население од првата половина на XIX век се од мошне големо значење за жителите на тие маала и села, бидејќи со оглед на временскиот јаз со денешнината, изданието содржи податоци за седум-осум генерации претходно, а тоа по автоматизам претставува големо олеснување за населението за попрецизно составување на своите семејни стебла.