На 9 јуни низ целиот свет се одбележува Меѓународниот ден на архивите.
На овој ден архивистите од целиот свет се обединети во прославувањето на значењето и достигнувањата во својата професија.
Преку одбележувањето на овој ден треба да се подигне свеста на пошироката јавност за важноста на документираното наследство на човештвото. Архивите и архивистите имаат исклучителна можност, идеите и достигнувањата да ги соберат и споделат со светот. Заедничкото ангажирање би дало нов правец и светлина на работата на архивите и нивниото значење и вредност.
Меѓународниот ден на архивите како празник на архивите и архивистите низ целиот свет е прифатен на Годишното генерално собрание на Меѓународниот архивски совет одржано во Квебек, Канада, во 2008 година.
Самиот датум, 9 јуни, има симболично значење, бидејќи на тој ден во Париз во 1948 година е основан Меѓународниот архивски совет (меѓународна невладина организација посветена на унапредување на ефективното работење со архивскиот материјал и заштита на светското архивско наследство. Оваа организација има околу 1400 членови од 199 држави и територии), под покровителство на УНЕСКО.
Темата на овогодишната меѓународна архивска недела „Дизајнирање на архивите во 21 век“ која се одбележува од 3 до 9 јуни, дава можност за истакнување на иновациите и визиите, потсетувајќи ја јавноста дека архивите не се фиксирани само во минатото, туку наместо тоа постојано се измислуваат и се промовираат нови начини и правци, со кои акумулираната меморија на човештвото ќе се насочи во иднината.
Во рамките на меѓународната архивска недела, на 3 јуни беше отворена изложбата „Филмовите што ги сакавме (1947 – 1980) изработена од Историскиот архив на Пожаревац, збогатена со изложбена поставка со наслов „Македонската кинематографија (1947 – 1991), подготвена од Државниот архив на Република Северна Македонија и Кинотеката на Република Северна Македонија. Изложбата ќе може да се погледне во Кинотеката на Република Северна Македонија најдоцна до 17 јуни 2019 година.
Нека ни е честит 9 јуни – Меѓународниот ден на архивите!