На почетокот на март 2020 година во Националниот архив на Малта е остварена работна средба помеѓу д-р Емил Крстески и д-р Чарлс Фаруџа, директор на Националниот архив на Малта и претседател на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет.
Оваа средба беше реализирана на покана на д-р Чарлс Фаруџа, со цел вклучување на Државниот архив на Република Северна Македонија во работата на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет.При посетата на Националниот архив на Малта, д-р Чарлс Фаруџа го презентираше начинот на работа во нивните архиви и нивната организациска поставеност, а беа посетени и две архивски одделенија кои се наоѓаат во Рабат, како и Архивот на црквата во М’дина и Националната библиотека на Малта, каде што беа депонирани некои од изданијата на Државниот архив.
За време на средбата се договорени насоките за соработка помеѓу двете архивски институции, што ќе подразбира соработка во поглед на дигитализацијата, заеднички изданија на стручни архивски трудови, вклучување на Државниот архив на Република Северна Македонија во проектите кои се актуелни во Меѓународниот архивски совет, односно неговиот огранок за Европа и поголема инволвираност на Државниот архив на Република Северна Македонија во работата на експертските групи на Меѓународниот архивски совет.Тргнувајќи од тоа, дека и Државниот архив на Република Северна Македонија и Националниот архив на Малта се наоѓаат пред предизвикот за изградба на нови архивски објекти, двајцата директори се договорија да споделуваат искуства и насоки во поглед на примената на меѓународните стандардите за изградба на архивски објекти.