Делегација на Државниот архив, предводена од директорот д-р Емил Крстески на 10 и 11 јуни престојуваше во Белград, каде што оствари официјални одвоени средби со директорите на Архивот на Југославија и на Архивот на Србија, д-р Милан Терзиќ и д-р Мирослав Перишиќ.
Крстески и Терзиќ постигнаа договор за поинтензивна соработка при преземањето на архивските материјали и историските документи од Архивот на Југославија, кои се однесуваат на Македонија и се битни за историјата на нашата земја. Притоа стана збор за скорешно испраќање наши експерти во Белград за дигитализација на архивската граѓа, која што според Договорот за сукцесија на земјите од поранешна Југославија (Анекс Д) ни припаѓа нам.
,,Има уште многу оригинални документи што треба да се преземат од Архивот на Југославија, а кои се значајни за нашата историја и нашето минато од период на балканските војни, па се до распадот на СФРЈ. Со колегата Терзиќ остваривме отворена и пријателска средба на која се договоривме за овој процес да ги информираме двете влади и тој процес да отпочне што поскоро” – изјави директорот д-р Емил Крстески, кој е и официјален претставник на македонската влада во преговорите за сукцесија на архивската граѓа.
Делегацијата на Државниот архив оствари и прва официјална средба на највисоко ниво со Архивот на Србија. Директорите Крстески и Перишиќ на средбата во Белград договорија конкретни заеднички проекти, а во отворениот и пријателски разговор беше потенцирано дека наскоро треба Архивите на двете земји официјално да потпишат и Договор за соработка.
,,Ова е прва официјална средба со Државниот архив на Македонија каде разговаравме за започнување на конкретна соработката и во наредниот период ќе дефинираме заеднички проекти од интерес на двете страни. Во Архивот на Србија има архивска граѓа од крајот на 17-от век до 90-тите години на минатиот век и тоа се најмногу материјали од периодот на Кнежевстото Србија, Кралството Србија, Првата светска војна и периодот на двете Југославија и во него има доста документи поврзани со Македонија” – изјави за МИА директорот на српскиот Архив, Мирослав Перишиќ.



