Амбасадорот на Руската Федерација, Н.Е. Г-дин Сергеј Баздникин, во посета на Државниот архив.
Директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески оствари средба со амбасадорот на Руската Федерација, Н.Е. Г-дин Сергеј Баздникин.
Повод за оваа средба е неодамна потпишаниот Договор за соработка со Државниот архив на Руската Федерација, кој се однесува на објавување на заеднички зборник на документи, со работен наслов „Македонците во Русија – Русите во Македонија“, што ќе опфаќа документи од крајот на XIX век и првата половина на XX век. Документите што ќе бидат објавени во зборникот ќе содржат документи од архивите во Руската Федерација, како и од архивите во нашата држава.
На средбата, амбасадорот Баздникин го искажа своето задоволство поради тоа што еден ваков проект ќе биде реализиран и ја понуди својата поддршка за реализација на истиот.
Д-р Емил Крстески на амбасадорот му даде копија од договорот кој се однесува на заедничката публикација и го информираше амбасадорот дека веќе се формирани работни групи кои работат на селекција на документите, како во нашиот Државен архив, така и во Државниот архив на Руската Федерација.
На средбата, директорот на Државниот архив, д-р Крстески предложи нови активности кои ќе придонесат за интензивирање на истражувањата во архивите во Руската Федерација и за продлабочување на соработката.