Државниот архив на Република Северна Македонија врши постојано дополнување на архивските фондови кои се наоѓаат во приватна сопственост во интерес на имателите и истражувачите од државата и странство. Преку овој повик на приватните иматели (создавачи) им се нуди можност да подарат архивски материјал – лични фондови, кој е од особено значење за националната и локалната историја како и за општествено-политичкиот, стопанскиот и културниот живот во Република Северна Македонија. На подарениот архивски материјал во Државниот архив и неговите подрачни одделенија му се обезбедува соодветно сместување, физичко-техничка заштита, стручно-научно истражување, проучување и обработка како и негово користење за научни цели. Архивскиот материјал наменет за подарување се категоризира според неколку критериуми меѓу кои единственост, реткост и неповторливост на архивскиот материјал, сочуваност, изворност и авторство. Имателите и создавачите на архивски материјал се категоризираат според времето, местото, улогата м функционирањето во државниот, политичкиот, стопанскиот и културниот живот. Преземањето архивски материјал се изведува со ангажирање архивисти од Државниот архив, така што со можните иматели се води преписка, се остваруваат лични контакти и се договараат условите под кои може да се отстапи архивскиот материјал што е во приватна сопственост.
Ги повикуваме сите граѓани кои имаат архивски материјал да покажат општествена одговорност и да го подарат на Државниот архив како институција која се грижи за колективната меморија и историското минато. Oд подарените архивски материјали ќе се формираат архивски фондови кои во иднина ќе им бидат достапни на истражувачите и од нив ќе произлегуваат вредни изданија од областа на политичката историја, историја на секојдневниот живот, културната историја и сл. Сите заинтересирани може да се обратат на телефонскиот број 02 3237 211 локали 121 и 122, директно во Државниот архив, Кеј „Димитар Влахов“ бр. 19 во Скопје или на следните e-mail адреси: marjan.gijovski@arhiv.gov.mk и nebahat.rushid@arhiv.gov.mk. Информации за подарување архивски материјал може да се добијат и во подрачните одделенија во Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Велес и Куманово, чии контакт-информации може да се најдат на нашата веб- страница www.arhiv.mk.