корица

Отворање на изложбата „Скопска градска општина“ по повод 13 Ноември

На ден 12.11.2021 г. (петок) во 12 ч во Музејот на град Скопје свечено ќе биде отворена изложбата „Скопска градска општина“ од авторката д-р Јасмина Дамјановска. Изложбата „Скопска градска општина“ е замислена како еден водич низ меморијата што ја има собрано на едно место Државниот архив – Одделение Скопје за постоењето и за дејствувањето на Скопската Општина, но и за трансформацијата што му се случува на градот Скопје со нејзиното конкретно функционирање. Низ 22 паноа и околу 300 документи и фотографии, претставен е периодот од крајот на 19. век, кога функционирала Скопската Турска Општина, потоа Градското поглаварство на Општината на град Скопје 1918 – 1941 г., Скопската Општина 1941 – 1944 г. и Скопската Општина преку градоначалниците од 1944 до денес.Урбанизацијата и модернизацијата на градот преку раководењето на првите луѓе и посетите на важни личности од светот на нашиот град се само дел од содржините на оваа исклучително богата изложба.

Говорници на настанот се Татјана Сапунџиовска-Алексоска, раководител на Државниот архив – Одделение Скопје, и авторката д-р Јасмина Дамјановска. Во рамките на овој настан ќе биде претставена уште една изложба на автори од Музејот на град Скопје. Државниот архив на овој начин се вклучува во одбележувањето на 13 Ноември – Ден на ослободување на градот Скопје, кој воедно е патронен празник на Државниот архив – Одделение Скопје.

Најнови објави