Државниот архив на 5 април 2022 г. ја претстави изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)” во Нови Сад, Република Србија, градот кој оваа година претставува европска престолнина на културата.
На отворањето на изложбата се обратија: директорот на Државниот архив д-р Емил Крстески, директорот на Архивот на Војводина д-р Небојша Кузмановиќ и авторката д-р Јасмина Дамјановска. Во своите обраќања, тие се осврнаа за значењето на изложбата и претставувањето на меморијата за настаните и личнoстите oд минатото од страна на архивите. На настанот присуствуваше и амбасадорката од македонската амбасада во Белград, Н.Е. Михаела Веселинов.
Директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, и вработените од Државниот архив имаа можност да го посетат Архивот на Војводина при што им беа претставени вредни и ретки документи кои се чуваат, како и постојаната музејска поставка во рамки на Архивот.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 9 април 2022 г.