3

Отворена изложбата: ,,Стари балкански фотографии”

„Стари балкански фотографии“ е наслов на изложбата која свечено е отворена во НУ Музеј на Република Северна Македонија како меѓународен проект на Државниот архив и Државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија. Пред присутните, директорот на Државниот архив д-р Емил Крстески изрази задоволство од успешната реализација на изложбата во која беа вклучени архивски професионалци од двете институции, чија соработка сѐ повеќе се развива. Фотографиите, како што нагласи д-р Емил Крстески, се бесценет извор на информации за секојдневниот живот на луѓето во минатото и дека архивите од балканските простори имаат можност да го претстават секојдневието на обичниот човек низ поинаква призма.

Претседателот на Државната агенција „Архиви“ од Република Бугарија, доц. д-р Михаил Груев, посочи дека оваа иницијатива ја засили соработката меѓу Државниот архив и Државната агенција „Архиви“ и дека се планира кон неа да се приклучат и други држави од регионот. Тој потенцира дека изложбата ќе биде претставена во повеќе градови во двете земји, почнувајќи со Софија, на 1 јули. Д-р Јасмина Дамјановска како еден од координаторите на работната група за подготвување на изложбата истакна дека проектот „Стари балкански фотографии“ овозможува да се видат луѓето и белезите на нивните животи во двете земји онака како што тие самите сакале да бидат забележани. Изложбата го опфаќа периодот од крајот на XIX век до почетокот на 30-тите години на XX век.

thumbnail 1

Изложбата се состои од 25 паноа со 216 фотографии од фондовите на Државниот архив и Државната агенција „Архиви“ опфаќајќи теми за архитектурата, старите занаети, селското стопанство, настани од секојдневието, народни носии, модерни градски носии, народни собири, образование и слично. Изложбата ќе биде отворена до 24 јуни.

Најнови објави