
Вчера, на 12 март 2023 година во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Македонија на свечен настан беше отворена изложбата „Македонија памети. Никогаш да не се заборави!“, подготвена по повод 80-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија, од Државниот архив на Република Северна Македонија во соработка со Институтот за национална историја – Скопје.
Во присуство на многубројни домашни делегации и гости од државата Израел, изложбата со пригодни обраќања ја отворија г. Горан Садикарио, директор на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Македонија, академик Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја, и Гоце Стојановски, раководител на Одделението на Државниот архив во Битола, и проф. д-р Александар Манојловски од Институтот за национална историја, кој е еден од авторите на изложбата.

Во своето обраќање пред присутните, Гоце Стојановски истакна дека историографското и методолошки поткрепеното толкување на архивските материјали значи наше соочување со минатото и негување на културната меморија.

Изложбата се состои од 19 паноа на кои се прикажани над 200 фотографии и архивски документи кои припаѓаат на Државниот архив – централен ден и неговите одделенија во Скопје, Битола и Штип, Националната установа Музеј на Македонија, НУ Завод и музеј Штип, Еврејскиот историски музеј во Белград, Република Србија, и Централниот државен архив во Софија, Република Бугарија. Авторите д-р Јасмина Дамјановска, проф. д-р Александар Манојловски и проф. д-р Ленина Жила преку спроведено истражување имаат за цел да го прикажат работењето на Еврејските верски општини во Македонија до 1941 година, почетоците на навлегувањето и одразувањето на антисемитската политика на Царството Бугарија, одрекувањето од еврејското население и неговата депортација во логорот Треблинка на територијата на окупирана Полска.