Патувачката изложба „Македонија памети – никогаш да не се повтори“, посветена на 80-годишниот јубилеј од холокаустот и депортацијата на македонските Евреи, на иницијатива на Државниот архив во петокот беше поставена во градот Велес, во просториите на Ликовниот салон. Пред присутните гости изложбата беше промовирана од еден од авторите, д-р Јасмина Дамјановска од Државниот архив, од раководителот на Одделението на Државниот архив – Велес, м-р Наумче Ризовски, а во контекст на меѓуинституционална соработка свој говор имаше и директорот на ЛУ Народен музеј – Велес, Ангел Коруновски.
Во своите говори тие ја потенцираа улогата на Државниот архив како институција каде што се чува колективната меморија за историските настани и процеси од минатото. Во однос на депортацијата на Евреите од Македонија во текот Втората светска војна д-р Јасмина Дамјановска потенцираше дека две еврејски семејства од Велес настрадале. Познатото семејството Бити најпрво било депортирано и вратено во Велес затоа што се занимавале со аптекарска дејност, а второто четиричлено семејство Кова било депортирано во Треблинка и засекогаш се изгубила трага од нив.
Изложбата ќе биде поставена до 25 мај (четврток) 2023 година при што раководителот м-р Наумче Ризовски упати апел до училиштата од градот Велес да организираат посети на ученици. Отворањето на изложбата беше дел од програмата за одбележување на Меѓународниот ден на музеите.