На покана на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Државниот архив се вклучи во програмата „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) која се реализира во соработка со Обединетата македонска дијаспора oд Вашингтон, САД. Програмата предвидува практиканство на млади луѓе со потекло од нашата држава во Државниот архив кои имаат афинети кон проучување на архивската дејност и истражување на културно-историско наследство. Оваа година, архивските професионалци ќе ги пренесуваат своите знаења и искуства на апсолвентка од универзитетот во Бостон за време на практиканството кое трае од 3 јули до 20 јули 2023 г.

Државниот архив уште еднаш ја покажа општествена одговорност и дава свој придонес во пренесувањето на практични знаења и поврзувањето на успешни иселеници со институциите од државата. Државниот архив покажа интерес за зачувување на документарното наследство на иселеништвото така што во 2021 година во соработка со Агенцијата за иселеништво објави Повик за доставување на архивски материјали кој сеуште е отворен.
