054

24 мај – Ден на сесловенските просветители

Светите Кирил и Методиј, нашите ценети „Апостоли на Словените“, длабоко влијаеле врз нашето културно и духовно наследство. Нивното создавање на глаголицата и преводот на светите текстови на старословенски јазик се клучни за поттикнување на писменоста, образованието и културното единство меѓу словенските народи.

Кирил и Методиј биле родени во Солун, Македонија, како Константин и Методиј. Моравската мисија е најзначајниот дел од нивниот животен пат, која почнала на барање на моравскиот кнез Ростислав за да го реши политичкото и црковното прашање во државата. Замолил да му пратат учители кои божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Пратените мисионери биле Кирил и Методиј. Словените немале букви, па така Кирил морал да состави и азбука од 38 букви и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Во Брегалничката мисија пак, според легендата, тој покрстил 54.000 Словени. Кирил починал во Рим во 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал во 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.

На овој ден ги славиме нашите богати историски и културни корени и се потсетуваме на просветлувањето и заемното разбирање. Празникот на светите Кирил и Методиј во Македонија се прославува како државен празник и Ден на словенската писменост и култура.

Наследството на светите Кирил и Методиј нека продолжи да нè инспирира и води кон посветла и просветлена иднина!

Државниот архив поседува документи за повеќе регистрирани училишта што го носат името на словенските првоучители и просветители Св. Кирил и Методиј