Со oбјавувањето на вториот том од зборникот документи со наслов „Албански документи за историјата на Македонија – Префектура Дебар од 1941 до 1944 година“ од авторот м-р Ирфете Ибраими, Државниот архив продолжува со публикувањето документи за историјата на Македонија и во 2024 година.
Зборникот составен од 164 документи настана како резултат на неколкугодишно научно истражување во Генералната дирекција на архивите во Република Албанија при што опфатените документи првпат се преведуваат на македонски јазик со вметнати коментари во фусноти, а на крајот се поместени сите факсимили. Избраните документи од горенаведениот период се однесуваат на тетовскиот, гостиварскиот, дебарскиот, кичевскиот и струшкиот крај. Содржината на документите од различен карактер паралелно се однесува и на состојбите во Ѓаковица, Приштина, Призрен, Пеќ, Урошевац, Јуник од Косово.
Вториот том како и првиот том пополнува празнина во македонската историографија затоа што изобилува со податоци од политички, економски, верски, културен, административен, здравствен, образовен аспект. Документите може да се користат за истражување на државната управа на овие простори, територијалната организација, финансиската одржливост на таквата поделба, функционирањето на општините, нивелацијата на платите на администрацијата, издатоците, здравственото осигурување и грижа за населението, функционирањето на администрацијата и на крајот односот на населението спрема власта и воопшто, односите и соработката која постоела меѓу населението на овие простори, за што сведочат голем дел од овие документи.
Во двата тома се преведени и објавени околу 400 документи од периодот од 1941 до 1944 година.