На покана на д-р Јасмина Николиќ, директор на Историскиот архив на Пожаревац и уредник на списанието на Историскиот архив на Пожаревац – „Записи“, м-р Димитар Богески, заменик-директор на Државниот архив на Република Северна Македонија, и Светлана Успрцова, раководител на Сектор за истражување, меѓународна и домашна соработка и публикување архивски материјал, учествуваа на состанок на Редакцискиот одбор на списанието „Записи“, односно неговиот тринаесетти број, кој се одржа во Пожаревац, на 30 август 2024 година, а подоцна остварија работна средба со потпретседателката на Меѓународниот центар за архивско истражување (ICARUS), д-р Влатка Лемиќ.
М-р Димитар Богески и Светлана Успрцова, заедно со преостанатите членови на Редакцискиот одбор на списанието „Записи“, имаа можност заедно да ги разгледаат сите пристигнати предлози за тринаесеттиот број, да ги распределат по рубрики и да дискутираат за правилата што се применуваат при публикувањето научни трудови и за мноштвото актуелни предизвици со кои се соочуваат архивистите од регионот, како и архивистиката.
Во списанието „Записи“, бр. 13, во рубриката „Меѓународна архивска и културна соработка (научни собири, конференции..)“ е предаден приказ од Светлана Успрцова, со наслов „31. Меѓународна конвенција на Меѓународниот центар за архивско истражување – ICARUS, одржана во Скопје и Охрид на 8, 9 и 10 ноември 2023 година“.
М-р Димитар Богески, заменик-директор на Државниот архив, по завршувањето на состанокот на Редакцијата разговараше со м-р Даниела Мрда, директор на Архивот на Босна и Херцеговина, во врска со имплементацијата на Договорот за соработка помеѓу Државниот архив на Република Северна Македонија и Архивот на Босна и Херцеговина, склучен во март 2023 година и евентуална подготовка на заедничка архивска изложба од значење за историјата на двете држави.
М-р Димитар Богески разговараше и со д-р Влатка Лемиќ, потпретседателка на Меѓународниот центар за архивско истражување (ICARUS), во врска со активно вклучување на Државниот архив на Република Северна Македонија во активностите и проектите/платформите на ICARUS, како што се Monasterium, Topotheque, C4Education итн.