Заменик-директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески, денес беше во работна посета на Одделението на Државниот архив – Куманово при што се сретна со вработените и одговорните од ова Одделение. Во концептот на раководството на Архивот се честите и постојани посети на деветте Одделенија низ државата со цел поддршка и помош во надминување на сите предизвици со кои се соочуваат, прибирање идеи за подобрување на институционалното работење и архивската дејност. Од таквите посети се изготвуваат краткорочни и среднорочни планови за развој на институцијата.
Добрата професионална комуникација и повратните информации меѓу раководството и вработените придонесуваат за постигнување поголеми резултати.
Одделението на Државниот архив – Куманово под раководство на м-р Вулнет Исени под своја територијална надлежност ги има општините од североистокот на државата. Најстарите документи кои се чуваат од ова Одделение се од 1870 година, а најголемиот дел од архивскиот материјал е создаден во периодот по Втората светска војна.