Архивот како трезор на националното документарно наследство постојано настојува да ја збогатува ризницата на архивски фондови со нови архивски материјали. На наша огромна чест, д-р Јованка Кепеска, ќерка и правен наследник на македонскиот великан и автор на првата „Македонска граматика“, професорот Круме Кепески (1909-1988), потпиша Договор со директорот на Државниот архив, д-р Наташа Котлар-Трајкова.
Со овој Договор, Државниот архив во иднина ќе стане сопственик на архивскиот материјал настанат од животот и творештвото на професорот Кепески, како документи, фотографии, стручни прирачници, стари книги, статии и др. Архивот се обврза од подарените материјали да организира јавни настани поврзани со биографијата на Кепески, како и од објавувањето на „Македонската граматика“.
Истражувачите во иднина ќе добијат бесценети извори за продлабочување на истражувањата во делот на граматиката, учебникарството, преведувањето, педагогијата и сето она што било составен дел од професионалните интереси на Круме Кепески во неговиот животен век. Државниот архив е местото каде што треба да бидат чувани документите кои сведочат за историјата на големите личности и нивните научни подвизи.


