Пред завршувањето на учебната година, ученици од петто одделение од ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“, Општина Кисела Вода, со одделенскиот наставник Александра Ќурчиевска го посетија Државниот архив во рамките на изучувањето на содржините по предметот Историја и општество. По пат на интеракција, на учениците им беа пренесени теоретски знаења за документот и фотографиите како извори за минатото на човекот, општеството и државите. Функционирањето на архивската библиотеката и користењето на книгите беше дел од содржините опфатени во едукативната посета, како и презентацијата на постојаната изложба „Македонија низ вековите“.
Заменик-директорот м-р Димитар Богески ги прими учениците во својот кабинет при што заеднички разговараа за институцијата Архив која има за задача да се грижи за сеќавањето за минатото. Традиционално, беше направена заедничка фотографија, која треба да сведочи за отвореноста на Архивот.




