На 4 мај, се одбележува годишнината од смртта на Гоце Делчев. Со длабока почит се потсетуваме на ликот и делото на великанот на македонската револуционерна мисла и борба за слобода. На 31-годишна возраст, во селото Баница, тој загинува, оставајќи зад себе неизбришлива трага како најмаркантна личност на македонското револуционерно националноослободително движење во предилинденскиот период.
Неговата визија за Македонија како слободна и праведна држава, изградена врз принципите на еднаквост и човечко достоинство, и денес претставува силна инспирација.
Државниот архив поседува архивски материјали, фотографии од преносот на посмртните останки на Гоце Делчев, писма со негов ракопис упатени до неговиот брат, како и неговата шифрирана азбука.
Државниот архив со гордост ги чува овие сведоштва како трајни спомени на еден од најзначајните синови на Македонија.
Слава му!




