Државниот архив, пред 13 години се пресели во нова зграда покрај Вардар, која е дел од проектот „Скопје 2014.“ Во неа, оваа институција се соочува со лоши услови за исполнување на својата обврска да ги чува важните државни документи, како што се најстарите записи од 12 век, обемниот фонд на Битолскиот кадилак, кој содржи илјадници акти за социјалните и економските прилики.
БИРН, пред две години, пишуваше дека речиси секогаш кога врне, дождот ги поплавува просториите и водата навлегува, не само во канцелариите на вработените, туку и во депото каде што се складирани документите.
Есента 2025 година, владата за директор на оваа институција го именуваше историчарот архивист по професија, Димитар Богески. Тој, во разговор за БИРН, уверува дека по спроведените интервенции засега нема проблем со протекувањето.
Сепак, и тој, како и претходната влада, смета дека трајното решение за архивот е изградба на нова зграда што ќе ги исполнува условите за функционирање на модерен архив. Првичниот проект што ќе го претстави пред владата, го најавува за следната година.
БИРН: Од кога Архивот е во новата зграда, односно од 2013 година има проблем со прокиснување, поради што беше загрозено и депото во кое се чуваат важните документи. Каква е ситуацијата сега?
Богески: Сега ситуацијата е подобрена. Презедовме одредени активности за средување на протекувањето на водата. Одводните канали се исчистени 90 отсто, остануваат уште 10 отсто да се средат.
Кога ќе ги исчистиме, ќе видиме дали треба да се направат и дополнителни зафати, и доколку има потреба, ќе ги направиме. По последните врнежи немаше протекување.
Дополнителен проблем во зградата беше и кондензацијата, која создава услови за појава за габични заболувања на хартијата, поради што може да се уништат документите. Овој проблем го решаваме со поправање на чилерите (разладните уреди н.з.). Поправивме околу 70 отсто, дополнително чекаме делови за да ги поправиме сите.
БИРН: Од 2019 година има владина одлука да се гради нова зграда на Архивот зашто оваа е несоодветна. Какво е Вашето мислење за трајно решение на проблемот и може ли да се очекува нова зграда?
Богески: Се разбира дека иднината на архивското дејствување во Македонија е градење нов објект. Јас, лично, немам влезено во преговори со владата за овој проект. Сакам прво ние да изработиме проект и визија и тие да ѝ ги претставиме на владата.
Проектот ќе го работат стручни луѓе од Архивот, заедно со архитекти. Мислам дека ако го подготвиме добро, владата ќе нема аргументи за да не прифати решение што ќе ја осигури иднината на архивот во следните 100 години.
Планираме да почнеме со реализација на оваа идеја во 2027 година.
Примерот како треба да изгледа би го зеле од Словенија, каде што речиси пред една година го пуштија во употреба новиот објект на Архивот. Словенечкиот архив ни е пример зошто територијално, големината на државата е слична како нашата, а и нивниот начин на работа, бидејќи сме биле во една иста држава и сме работеле по исти стандарди.
И денес стандардите се идентични, сличен е и бројот на институциите што создаваат архивска граѓа, околу четири до пет илјади, а и бројот на населението е сличен.
БИРН: Има ли заинтересирани граѓани што доаѓаат во Архивот?
Богески: За жал, многу слабо. Доаѓаат граѓани исклучиво за некои лични потреби, имотно-правни, судски спорови… Меѓутоа, за научно-истражувачката дејност не доаѓаат многу, само неколкумина од Институтот за национална историја и од катедрата на Филозофскиот факултет за историја, односно луѓето што се занимаваат со историската наука.
Малку заинтересирани има и од странство, неколкумина од Србија и од Турција.
Во Државниот архив, 99 отсто од граѓата што ја поседуваме е достапна за јавноста.
Може да доаѓаат и граѓани што сакаат нешто да видат, а тоа не им е за научно-истражувачки потреби. Еден обичен граѓанин, истражувач или љубител на некоја дејност може слободно да дојде во Архивот во работно време, да си поднесе барање за истражување, да наведе кој фонд сака да го истражува и може да го скенира, фотографира или да го снима…
За два до три часа ќе му се достави бараниот материјал и тој слободно може да дојде во библиотеката, односно читалницата и да го истражува материјалот што го интересира.
Со донација од Словенија, во тек е и изработка на софтверско решение, пилот-проект, кој треба да биде завршен наесен, и очекувам да биде еден од најмодерните во Европа. Сите дигитализирани фондови и документи ќе бидат објавени, односно закачени на тој информациски систем и граѓаните, со својата платежна картичка, а врз основа на објавен ценовник, ќе имаат пристап до сите дигитализирани документи.
Со тоа ќе се избегне обврската тие да мора да доаѓаат физички во Архивот, а ќе им ја олесниме работата и на граѓаните што се во дијаспората да истражуваат.

Автор: Фросина Димеска