Поради обемниот архивски материјал за Александар Протогеров до кој е дојдено преку истражувањата во странските архиви, редакторот д-р Теон Џинго објави зборник на документи, со цел да ги прикаже сите аспекти на неговата личност и дело, на неговата лична комуникација, неговите размислувања што ги запишувал, неговите релации со бугарските владетели Фердинанд и Борис како и со членовите на Централниот комитет на ВМРО, Тодор Александров и Петар Чаулев, а подоцна и со Иван Михајлов и членовите на Задграничното претставништво на Организацијата, Наум Томалевски, Кирил Прличев, Георги Баждаров и други.
Зборникот содржи германски, британски, италијански и чехословачки дипломатски извештаи. Оригиналите на германските извештаи се наоѓаат во Политичкиот архив, кој функционира во составот на Министерството за надворешни работи на Република Германија во Берлин. Сите документи лоцирани таму и публикувани во овој зборник за првпат се објавуваат во македонската, но и во балканските историографии. Британските документи се наоѓаат во Архивот на Велика Британија, кој функционира во составот на Министерството за надворешни работи на таа држава. Дел од нив се објавени на македонски јазик, но дел се објавуваат за првпат. Италијанските и чехословачките документи се веќе преведени и објавени на македонски јазик, меѓутоа нивната улога во овој зборник е да му се даде можност на читателот да направи сопствена анализа преку критичко-компаративниот метод за улогата на големите сили во политиката на балканските држави и фокусот кон македонското прашање во првата декада по Првата светска војна.
Доколку се направи анализа на животот и делото на Александар Протогеров и се гледа низ призмата на неговото дејствување, може многу лесно да се стигне до погрешен заклучок дека тој бил некако постојано маргинализиран во составот на Централниот комитет, дека речиси секогаш стоел во сенката, во почетокот на Тодор Александров, а потоа на Иван Михајлов. Но, кога ќе се направи една ретроспектива на неговите активности, едноставно не постоел значаен настан во кој тој не партиципирал, или истакната личност од бугарската политичка елита или од македонското револуционерно движење со која Александар Протогеров не комуницирал. Познат е фактот дека Александар Протогеров бил масон, но малкумина знаат дека тој всушност бил првиот Голем мајстор на масонската ложа во Софија. Многумина знаат дека по Првата светска војна во високите масонски кругови почнал еден процес на помирување помеѓу ложите од двете завојувани страни во текот на четиригодишното војување, но помалку е познат фактот дека Александар Протогеров сметал и се обидел тој да биде врската помеѓу Германската и Француската ложа, односно Бугарската масонска ложа да дејствува како едно сврзно ткиво кое ќе ги поврзе двете масонски организации со единствена цел – помирување на европските народи кои дотогаш меѓусебно војувале и создавање заедничка иднина.
Документите во зборникот се поделени во три тематски единици, Лична кореспонденција, Централен комитет на ВМРО и Александар Протогеров и македонското револуционерно движење низ призмата на странските дипломати. Документите што ги сочинуваат првите две поглавја се најчесто во ракопис, додека дипломатските документи што го третираат дејствувањето на Александар Протогеров и македонското револуционерно движење меѓу двете светски војни најчесто се напишани на машина за пишување.