По повод 70 години од основањето на Државен архив, денеска во Скопје беше одржана свечена академија, под покровителство на премиерот на државата, г-дин Зоран Заев, кој им се обрати на учесниците. На свечениот собир беа присутни и Претседателот, Стево Пендаровски, Архиепископот г.г. Стефан, пратеници, министри, градоначалникот на Скопје, амбасадори, историчари и експерти.
На свечениот скромен, но достоен и достоинствен собир по повод јубилејот, беше промовирана монографијата: „Печат на времето – 70 години Државен архив (1951-2021)“, во која е презентиран историскиот развој на Државниот архив преку фотографии и документи за најзначајните настани со кои располага Архивот, како и зборникот: „Првите луѓе на Државниот архив (1951-2021)“.
По завршувањето на официјалниот дел на настанот, гостите имаа можност да ја видат изложбата: „Скопската градска општина“, посветена на градоначалниците на Скопје од 1945 година до денес, а им беа доделени и благодарници на 20 вработени или пензионирани лица, кои дале значаен придонес во работата на Државниот архив.
Премиерот Заев во обраќањето го потенцира значењето на Државниот архив како значајна историска, научна и културна институција, која е чувар на нашата историја, култура, јазик и традиција, што се еден од главните столбови на нашиот национален идентитет.
Во своето излагање директорот на Државниот архив д-р Емил Крстески изјави дека Државниот архив во изминатите 70 години се гради како значајна државна институција, и дека тој е трезор на оригинални документи, писма, фотографии и други материјали од познати револуционери, илинденци, просветители и писатели, уметници, општествени дејци, како и документи од најзначајните политичко-историски процеси, настани и личности за нашата земја.
„Во сите изминати години очигледен е постојаниот раст на Државниот архив, кој добива свој европски лик со прифаќањето на европските начела и прописи што се однесуваат на архивистиката и кои се вметнати во новиот Закон за архивска дејност, како и со спроведувањето на процесот на дигитализацијата на историските документи и материјали“ – нагласи директорот на Државниот архив д-р Емил Крстески.