Генералното собрание на Меѓународниот центар за архивско истражување – ИКАРУС[1], на 25 мај ја одржа својата втора редовна годишна средба за 2021 година. Oваа средба на Генералното собрание на ИКАРУС, како и претходната, се одржа online на платформата Zoom, а во исто време се одржа и 26. Конвенција на оваа меѓународна асоцијација.
Државниот архив на Генералното собрание и на 26. Конвенција на ИКАРУС беше претставуван од директорот, д-р Емил Крстески и претставник од Секторот за истражување, меѓународна и домашна соработка и публикување на архивски материјал.
Претставниците на Државниот архив, заедно со преостанатите членови на оваа меѓународна организација, имаа можност да дискутираат и да одлучуваат за нејзината идна агенда на активности, наречена „Агенда 2023“.
На Генералното собрание беа претставени извештаите од трите работни групи задолжени за „Агенда 2023“, кои беа усвоени со гласање на учесниците.
Првата работна група беше задолжена за комуникацијата во мрежата на ИКАРУС, втората работна група за проектите на оваа меѓународна архивска организација, а третата за online порталите.
Со „Агенда 2023“ се дефинирани главните цели на ИКАРУС и предизвиците со кои оваа организација се соочува во текот на нејзиното работење, прифатени се нови начини на соработка, вмрежување и професионална поддршка, како и развој на нови едукативни програми.
На конвенцијата на ИКАРУС главен акцент беше ставен на програмите и проектите на ниво на Европа, кои ги финансираат активностите поврзани со културното наследство, а беа презентирани и проектите на оваа организација, односно проектите во кои ИКАРУС е активен учесник или поддржувач (проекти: Time Machine, European Digital Treasures/платформи: Topothek, Monasterium, Matricula).
[1] International centre for archival research – ICARUS – www.icar-us.eu