Државниот архив го објави изданието „Османлиски документи за историјата на Македонија, пописи од XIX век на христијанското население, Скопски Санџак – Каза Скопје, 1832/33“, книга 2, дел 1 од доц. д-р Аднан Шериф како дел од серијата пописи на османлиската држава за Скопскиот Санџак. Овие пописи содржат опширни податоци за машкото христијанско население без разлика на социјалниот статускако и податоци за ромското население и еврејската заедница. Возраста на попишаното лице, сродството на членовите од попишаното домаќинство, нивното занимање, датумот на настаната смрт или селидба како и категоријата на плаќање воен данок се дел од податоците кои ги внесувале попишувачите во дефтерите.

Пописите територијално ја опфаќаат Скопската Каза, односно маалата во самиот град Скопје, селата близу Чаир, на Кара Даг (Црна Гора), во областите Каршијак, Дервен и селата во нахијата на Качаник од првата половина на XIX век (1832/33) година. Како такви, тие имаат големо значење за денешните генерации Македонци со христијанска вероисповед бидејки со пристапот до овие податоци им се дава можност за формирање на нивните семејни стебла. Истовремено, податоците содржани во ова дело се од значење за историската наука бидејки може да служат за стекнување нови научни сознанија.