На 4 мај во 17 часот, во Промотивниот центар, во рамките на 34. Меѓународен саем на книга беше промовиран зборникот документи „Скопската партиска организација на ПК на КПЈ за Македонија/КПМ 1941-1944“, том I, книга 1 и книга 2, од авторите проф. д-р Љубица Јанчева, проф. д-р Катерина Мирчевска и проф. д-р Димитар Љоровски, чиј издавач е Државниот архив.
„Саемите се секогаш добра можност да се види она што е ново, а во овој случај историската наука добива можност да биде промовирана видена и чуена. Секако во општеството во кое живееме и во кое функционираме многу е битно да се познава своето, да се познава историјата, да се познава минатото, за да се биде достоинствен човек. Ние историчарите секогаш правиме напори да го изложиме пред јавноста новото, подзаборавеното, да ги доизградиме ставовите, да ги отпретаме сведоштвата и да навратиме на оние кои некогаш постоеле и се обидувале нешто да сторат. Во сите овие напори Архивот дава можност секогаш да го претстави она што историчарите сметаат дека навистина е вредно. Пример за тоа се и овие две значајни изданија“ истакна промоторката на зборникот, д-р Јасмина Дамјановска. На промоцијата во име на авторите говореше и проф. д-р Љубица Јанчева, која ја истакна важноста на објавувањето на овој зборник не само за Државниот архив туку и за пошироката читателска публика.