Државниот архив на Република Северна Македонија на граѓаните припадници на ромската заедница им го честита Меѓународниот ден на Ромите – ден посветен на традицијата, историјата и културата на Ромите и подигање на свеста за унапредување на правата и слободите на припадниците на ромската заедница, со цел подобрување на социјалната и економска интеграција во сите општествени сфери. Осми април се одбележува во целиот свет, во чест на првиот Светски конгрес на Ромите, одржан од 7 до 12 април 1971 година во Лондон, каде што се сретнаа претставници на Ромите од 14 земји во светот. На конгресот беа усвоени најважните одлуки, како што се ромското знаме и официјалната химна. Сината и зелената боја на знамето ги симболизираат небото и земјата, а црвеното тркало ги претставува патувањата и миграциите на Ромите. Беше прогласен и официјалниот ромски јазик и прифаќањето на називот „Ром“, што значи човек.
