Во холандските градови Ситард и Мастрихт, се одржува 30-тата Конвенција на Меѓународниот совет за архивско истражување – ICARUS, на тема: ,,Архивите и трагите на миграцијата”. На собирот најмногу се расправа за начинот на кој архивите во светот се справуваат со миграциските процеси, особено со архивскиот материјал кој сведочи за миграцијата.
Директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, учествувајќи во панел-доскусиите истакна дека во поново време се соочуваме со миграција на високо образовани лица од балканските земји кон Европа и светот, за кои нема точна евиденција и што претставува сериозен проблем за многу земји. ,,Миграцијата е тема која што е особено важна и во денешно време, а нејзините траги се видливи во архивите во Европа само со примери од минатото. Повеќето организации и институции треба почесто да дискутираат и да споделуваат идеи, визии и конкретни проекти поврзани со оваа тема, за да се создадат нови партнерства, но и можности за планирање и имплементирање на нови проекти во однос на евидентирање на миграциите во поново време” – нагласи директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески. Генералното собрание на ICARUS едногласно го прифати неговиот предлог 31-та Конвенција на оваа меѓународна организација да се одржи на есен во Скопје и во Охрид.
На Конвенцијата се одржаа и неколку работилници, а за време на Генералното собрание за нова претседателка на ICARUS беше избрана г-ѓа Биргит Кибал, од Националниот архив на Естонија, а беа претставени и новите членови на ICARUS – конзорциумот и новите членови на неговиот Извршен одбор.