Изложбата „120 години од Илинденското востание – архивска меморија“ на Државниот архив, на 1 септември 2023 г., беше претставена во Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар на барање на граѓаните по повод одбележувањето на Денот на ослободување на градот. Во присуство на претставници на локалната самоуправа и почитувачи на историското минато, еден од авторите ја презентираше изложбата, односно архивските материјали кои ги поседува Државниот архив, а кои откриваат нови факти за илинденската епопеја. На настанот се разви дискусија за случувањата во демирхисарскиот крај и Смилево во тој бурен период.
Изложбата досега беше претставена во Крушево, Охрид, Скопје, а во наредниот период се планира да се постави во Македонски Брод и Битола. Државниот архив ќе продолжи да го афирмира архивското богатство за македонското културно-историско минато преку подготвување изложби и публикување научни дела.