Директорот на Архивот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, м-р Хајрудин Чуприја, денес го посети Државниот архив. Притоа се сретна со заменик-директорот на Државниот архив, д-р Музафер Бислими, кој го запозна со органограмот, структурата и начинот на функционирањето на Државниот архив. Оваа средба меѓу претставниците од двете институции е значајна во реализирањето понатамошни чекори на соработка меѓу Државниот архив и Архивот на Федерацијата на БиХ.
На состанокот се разгледа можноста за потпишување меморандум за конкретна соработка, со цел почнување меѓусебна соработка во областа на истражувањето, дигитализацијата, размена на стручни лица и заеднички идни проекти од кои ќе произлезат публикации и изложби.
Делегацијата од Архивот на Федерацијата на БиХ имаше можност да се запознае со работата на Секторот за информатичка технологија и дигитализација на архивски материјал, Одделението за конзервација и реставрација на архивски материјал и Одделението за средување и обработка – Османлиски период.