Со објавувањето на ова издание „Претседателство на СФРЈ (1980 – 1991) Документи за Македонија, Разговори за распадот на СФРЈ (јануари-март 1991 година)“, всушност, се завршува четиритомната серија „Архив на Јосип Броз Тито“ (1941 – 1991) – документи за Македонија. Првата книга од таа серија за периодот 1943 – 1953 г., Државниот архив ја објави во 2012 година, втората книга за периодот 1954 – 1969 г., во 2018 г., а третата книга за периодот 1970 – 1980 г. беше објавена во 2019 г.
Во последното издание се поместени документи од значење за Социјалистичка Република Македонија кои потекнуваат од фондот на Претседателството на СФРЈ, кој како колективен орган продолжил да функционира и по смртта на Јосип Броз Тито до распадот на федерацијата. Редакторот д-р Новица Велјаноски ги избрал и одвоил стенограмите од шесте најдраматични седници на Претседателството на СФРЈ на кои биле водени дискусии за актуелната југословенска политика и положбата на СР Македонија.
Зборникот на документи е исклучително полезен за истражувачите на историјата на современата македонска држава.
