Поаѓајки од потребата за средби на вработените од Државниот архив со цел размена на ставови и стручни дискусии за унапредување на архивската дејност, новото раководство иницираше одржување на Прво општо советување за архивските работници. Советувањето се одржа на 5 ноември 2024 г., во НУ Музеј на македонската борба за самостојност во присуство на архивисти од централниот дел на ДАРСМ и неговите девет Одделенија од другите градови. Со поздравни говори настанот го отворија директорот, д-р Наташа Котлар и м-р Димитар Богески при што ги поздравија присутните и ги акцентираа своите очекувања од советувањето.
Излагања со реферати имаа архивски работници кои доаѓаа од различни Сектори во рамки на архивската дејност во кои понудија решенија за развој на дејноста и институционалното работење. Изнесените реферати предизвикаа конструктивна дебата што наметна идеја за нови тематски советувања. На советувањето беше промовирана идејата за возобновување на здружението на архивисти кое може да биде од голема полза за афирмација на професијата архивист. На дневен ред беше и синдикалното организирање во Архивот за што беше поканет да присуствува и да се обрати, претседателот на УПОЗ, г. Трпе Деаноски. Синдикалниот претставник говореше за визијата за достигнување на поголеми работнички права. Белег на настанот дадоа и присутните пензионирани професионалци од Архивот кои и понатака се подготвени да ги пренесуваат стручните знаења на помладите колеги.
Советувањата на архивистите во минатото биле традиција но и дел од тековната работа на Државниот архив. Сегашното раководство во своите приоритети ја поставува позитивната социјална атмосфера во институцијата и користењето на сите ресурси кои ќе придонесат за завземање на местото на Државниот архив кое му припаѓа во општеството. Отворените и конструктивни дискусии за слабостите и предностите во институционалното работење кои беа истакнати во форма на реферати ќе бидат публикувани во посебно издание.