Институционалната поддршка на Државниот архив кон друштвото на македонското малцинство од Тирана, Република Албанија, е официјализирана. Денес, м-р Марјан Гијовски, Тулај Адеми и м-р Билјана Крстевска како претставници на институцијата остварија работна средба со Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Во рамките на средбата со овластување на директорот на Државниот архив, д-р Наташа Котлар-Трајкова, беше потпишан Меморандум за соработка со кој се дава правец на соработката меѓу двете страни. Прибирање архивски материјали од оставината на видни претставници на македонското малцинство од Албанија, издавање заеднички публикации и истражувачки потфати се дел од активностите кои треба да почнат на почетокот на идната година. Државниот архив настојува да формира архивски фондови со документи од историјата на македонските организации кои дејствуваат во соседните земји.
Меморандумот за соработка е прв склучен меморандум на друштвото „Илинден“ со институција од нашата држава.