Одделението на Државниот архив во Куманово се вклучува во наставните програми и ученичките активности во основните и средните училишта од градот Куманово со цел да ја претстави институцијата Архив и професијата архивист.
На 3 април 2025 година (четврток), група ученици од ООУ „11 Октомври”, со директорката Драгица Спасиќ и ученици од ОУ „Бајрам Шабани”, со наставникот Фаредин Дестани, по повод 1 април – Денот на архивите и архивистите, реализираа посета на Одделението на Државниот архив Куманово. Учениците имаа можност да се запознаат со работата што секојдневно ја извршуваат архивистите за заштита на документите и нивно користење. Како поттеми во презентацијата беа опфатени постапките на прием на документите, разведување и одговор на барање, средување и обработка на документите, нивно чување во депо, начинот на користењето на документите од страна на истражувачите, како и со користењето на книгите во библиотеката.
Државниот архив ја користи архивската едукација на ученици како начин на афирмација на архивската дејност. Во таа насока, раководителот, м-р Вулнет Исени нагласи дека Архивот е отворена институција за јавноста, особено за младите кои имаат интерес за документарното наследство.


