Денес во 12:00 часот во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, беше отворен 37. Меѓународен саем на книгата.
Мото на годинешниот Саем е „Храна за душа“.
На отворањето на Саемот свои обраќања имаа: м-р Милка Тримчевска, директор на Бирото за развој на образование, министерот за култура на Република Србија, м-р Никола Селаковиќ, претседателката на Република Северна Македонија, д-р Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за култура на Република Северна Македонија, Зоран Љутков, кои го посетија саемскиот штанд на Државниот архив, каде што беа пречекани од м-р Димитар Богески, заменик-директор на Државниот архив, кој им ја презентираше издавачката дејност на Архивот.
М-р Димитар Богески, за време на Саемот, имаше кратка средба со м-р Никола Селаковиќ, министер за култура на Република Србија, кој покажа голем интерес за архивските фондови во Државниот архив и за соработката со Архивот на Република Србија.
На овој Саем, меѓу останатите, своите изданија ги претставува и Министерството за култура на Република Србија, на чиј штанд м-р Димитар Богески оствари средба со д-р Александар Растовиќ, професор на Филозофскиот факултет во Ниш, директор на Историскиот институт во Белград и претседател на Управниот одбор на Архивот на Република Србија.
На овој Саем, Државниот архив се претставува со околу педесет наслови, меѓу кои се изданија за познати историски личности, едиции на зборници од архивски документи за историјата на нашата држава – плод на истражувачката работа во архивите во странство, повеќе монографии што исцрпно обработуваат одредени настани и прашања од историјата, како и оригинални трудови од истакнати историски личности.
Сите изданија на Државниот архив, како и вообичаено, во време на Саемот се продаваат со цени намалени до 30 отсто.
Ве очекуваме на саемскиот штанд на Државниот архив!




