Државниот архив на 28 и 29 октомври 2021 година учествуваше на XVIII меѓународна конференција „Документацијата во информатичкото општество: Дигитално трансформирање во интерес на луѓето, општеството и државата“. Оваа меѓународна конференција беше организирана од Евроазискиот регионален огранок на Меѓународниот архивски совет, Серускиот научноистражувачки институт за документација и архивски работи (ВНИИДАД) од Москва, Руската Федерација и Рускиот државен универзитет за општествени науки.
Во исто време со конференцијата беше одбележана и 55-годишнината од постоењето на Серускиот научноистражувачки институт за документација и архивски работи (ВНИИДАД), создаден во 1966 година, кој претставува дел од главната архивска администрација на Руската Федерација. На конференцијата имаше околу 150 учесници, а Државниот архив беше претставуван од директорот д-р Емил Крстески, како и претставници од Секторот за истражување, меѓународна и домашна соработка и публикување архивски материјал и од Секторот за информатичка технологија и дигитализација на архивски материјал. Тие своето учество на конференцијата го остварија преку интернет- платформата Zoom.
Конференцијата ја отвори д-р Андреј Николаевиќ Артизов, директор на Федералното архивско агентство на Руската Федерација (РОСАРХИВ), а на присутните им се обрати и г. Дејвид Фрикер, претседател на Меѓународниот архивски совет, и д-р Чарлс Фаруџа, претседател на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет. На конференцијата беа застапени следните теми: „Училишта за архивистика и улогата на истражувачките институти во нивниот развој“, „Канцелариско работење: проблеми, задачи, перспективи“ и „Архивите во служба на луѓето и општеството: модерни трендови во користењето на архивскиот материјал“, а беа организирани и две тркалезни маси: „Дигитална трансформација и тековни трендови во менаџирањето на податоците и документите“ и „Проблеми во професионалната обука и развој на професионалните стандарди во архивското и канцелариското работење“.
Една од најинтересните теми на конференцијата, која создаде простор за повеќе дискусија беше менаџирањето и заштитата на електронската комуникација и зачувувањето на имејл-пораките, како и неодамнешните достигнувања во таа насока.