VMRO_Kominterna_Korica-1

Втор том од проектот „Македонското прашање во документите на Коминтерната“

Проектот „Македонското прашање во документите на Коминтерната“ е почнат во далечната 1994 година од страна на Рускиот центар за чување и проучување на документите на најновата историја (РЦХИДНИ) и Историскиот факултет при МГУ „М. В. Ломоносов“. Целта на овој проект е обезбедување широк круг на извори за сестрано и темелно проучување на политиката на Коминтерната во однос на „македонското прашање“ како проблематика што била една од најмитологизираните и најполитизираните во историската наука. Кон оваа иницијатива пред две децении се придружи и Државниот архив. Вториот том од зборникот „Македонското прашање во документите на Коминтерната“ дел 1: ВМРО (Обединета) 1925 – 1928 г., подготвен од д-р Јасмина Дамјановска, проф. д-р Ленина Жила и проф. д-р Владо Поповски, е всушност продолжение на првиот том од истомениот зборник, кој го опфаќаше периодот од 1923 до 1925 година и беше издаден во 1999 година.

VMRO Kominterna Korica 1

Во него се поместени документи и материјали што се однесуваат на создавањето и дејноста на ВМРО (обединета) во периодот од 1925 г. до 1928 г. и тие се претежно од  фондовите што ги поседува Рускиoт државен архив за социјално-политичка историја (РГАСПИ). Освен тоа, во зборникот се поместени документи од Централниот државен архив на Република Бугарија, од Државниот архив на Република Северна Македонија, од Архивот на Македонската академија на науките и уметностите, како и статии и апели од весникот „Македонско дело“, кој бил орган на ВМРО (Обединета). Повеќето од документите се објавуваат првпат.Реализаторите на проектот „Македонското прашање во документите на Коминтерната“ создаваат обемна изворна база, која ќе им биде достапна за истражувачите за објективно проучување на посочената тема. Државниот архив ќе продолжи и во иднина врз основа на развиената меѓународна соработка да публикува архивска документација од странски архиви во интерес на научноистражувачката работа на историчарите и за запознавање на пошироката јавност со факти од македонската историја.

Најнови објави