Во чест на сеќавање на светата Мајка Тереза беше отворена изложбата со наслов „Мисионерка на милосрдието – Спомените за Мајка Тереза во Државниот архив“ во НУ Музеј на македонската борба. Пред присутните се обрати директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, кој нагласи дека изложбата претставува придонес во одбележувањето на 25-годишнината од упокојувањето на светата Мајка Тереза, чие дело е безвременско и кое меѓународната заедница го почитува. Д-р Емил Крстески истакна дека нашата држава е горда на фактот што животниот пат на светицата почнал одовде, од градот Скопје.


Авторката на изложбата, д-р Јасмина Дамјановска, посочи дека изложбените паноа ја претставуваат богатата архивска документација на Државниот архив за семејството Бојаџиу, која го опфаќа периодот за време на нивното живеење во Скопје до 1934 г., како и посетите на светата Мајка Тереза во Скопје, кои првпат ќе ѝ бидат презентирани на јавноста. Низ фотографиите кои се дел од изложбата, како што наведе авторката, се прикажани приврзаноста и носталгијата на светицата за својот роден град каде што се подготвувала за својата мисионерска дејност.

На настанот се обрати и г. Алојз Гомбар, потомок на семејството Бојаџиу, чија семејна историја е дел од содржината на изложбата, која е составена од 16 паноа со повеќе од 100 фотографии и документи. На отворањето на изложбата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, претставници на државни институции како и почитувачи на ликот и делото на светата Мајка Тереза, кои притоа имаа можност да проследат документарен филм.
Изложбата ќе биде отворена до 13 септември.


