Годинава се одбележуваат 82 години од организираното почнување на Народноослободителната борба на македонскиот народ и другите националности, кое на државно ниво го чествуваме како Ден на народното востание. На денешен ден во 1941 година, Македониja го избралa вистинскиот пат на спротивставување на најголемите зла во историјата на човештвото – нацизмот и фашизмот. Благодарејќи на генерацијата која тогаш се жртвувала за слободата и која застанала на страната на сојузниците на антифашистичката коалиција, денес имаме сопствена држава со изградени институции, која се стреми да биде дел од европското семејство на народи.
Востанието против окупаторот во вардарскиот дел на Македонија почнало со нападот на бугарската полициска станица, затворот и телефонските врски во Прилеп од страна на партизанскиот одред „Гоце Делчев“. Во нападот учествувале Аспарух Јосифоски, Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски, Драган Спиркоски, Никола Попоски, Мице Козар, Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин, Душко Ристески, Мице Димески, Крсте Црвенковски, Коле Чашуле, Киро Ќососки, Киро Базеркоски и други. Нивните имиња се трајно врежани во меморијата на прилепчани и на сите граѓани во државата поради својот херојски подвиг.
На 11 Октомври секоја година се сеќаваме на овој настан, кој е меѓник во борбата за самобитност и самостојност и со право можеме да потврдиме дека борците од Народноослободителната борба заедно со прогресивни слободарски сили од другите народи дадоа голем придонес во победата над фашизмот и на светско ниво.
Државниот архив како институција која се грижи и ја промовира националната историја располага со многубројна документација за Народноослободителната борба, а од особено значење за овој празник е документот од Претседателството на Народното собрание од 8.9.1945 година, за прогласување на 11 октомври за државен празник.