На 8 септември 1991 година, мнозинството од населението во Македонија излезе да гласа и преку референдум се изјасни за својата иднина. Чекор, со кој македонскиот народ конечно ја зема во раце сопствената судбина и започна да гради самостојна, независна и суверена држава. Изминаа 25 години од тој ден, кој воедно значеше остварување на вековна заложба на Македонците – да имаат своја посебна држава. Предизвикот со кој се соочивме и сѐ уште се соочуваме е огромен, имајќи ја предвид големината на нашата територија и бројност на жители, споредено во светски рамки. Оттука произлегува и одговорноста и тежината која ја носиме поединечно и колективно, бидејќи нѐ засега сите како народ и нација и се рефлектира на идните генерации.
Изложбата која ја подготви Државниот архив на Република Македонија по повод 25 годишниот јубилеј од независноста на нашата Татковина, има за цел да нѐ потсети на едно блиско минато, на успесите и поразите кои ги доживеавме, сите убави и неубави работи. Тие се дел од сите нас, од нашето секојдневие и нашата иднина. Документите и фотографиите кои ги избравме за оваа пригода, опфаќаат повеќе сегменти од политичкиот, општествениот и културниот живот. Првите чекори кон независноста, формирањето на државните институции, носењето на Устав, Декларацијата за сувереност, Законот за државни симболи, за Армијата на Република Македонија, воспоставувањето на дипломатски односи, меѓународните признавања, Рамковниот договор, како и многу други закони, уредби, одлуки, решенија итн.
Распоредени на 25 банери, покрај овие материјали, вклучивме и документи и фотографии од достигнувањата на македонските спортисти во европски и светски рамки, Олимпијадите, културните манифестации, фестивали од локален и меѓународен карактер, археолошките истражувања и ископувања, награди и признанија. Не изостана ниту традиционалниот елемент – главна нишка на македонската култура и идентитет, и секако Македонците кои живеат надвор од земјава, а ги има насекаде низ светот.
На посебни банери се издвоени документи од Државниот архив на Република Македонија кои се од нашето подалечно минато, но во нераскинлива врска со сегашноста. Архивски материјал од средновековието, османскиот период, црквите и манастирите кои во клучни моменти ја презеле улогата на архиви, како и документи Илинденска и Асномска Македонија. Остана и мноштво материјал, кој ќе најдеме начин во идниот период да го објавиме и доближиме до јавноста.
Во процесот на собирање и селекција на материјали се вклучија повеќе институции: Собрание на РМ, Влада на РМ, Претседател на РМ, Министерство за надворешни работи, Народна банка на РМ, Агенција за иселеништво, Агенција за млади и спорт, Македонски олимписки комитет, спортските федерации, Националниот ансамбл „Танец“, Македонска радиотелевизија, Кинотека на Македонија, Музеј на Македонија, Воен музеј на Македонија, Археолошки музеј на РМ, Град Скопје, како и други институции и многу поединци.
Заедно ја градиме Република Македонија и заедно ја пишуваме историјата. Воедно заеднички долг кон предците и обврска кон идните поколенија ни е одговорно да работиме и да останеме доследни, а преку оваа ретроспектива да ја научиме лекција од историјата.