Директорот на Државниот архив на Република, г. Кирил Петров, на ден 24.12.2018 понеделник, оствари работна средба со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Н.Е. Сергеј Баздникин. На средбата, двајцата изразија задоволство од досегашната соработка помеѓу Државниот архив на Република Македонија и Амбасадата на Руската Федерација во Скопје при што се заложија таа соработка да се интензивира преку реализирање на заеднички иницијативи и проекти кои што секако ќе ги вклучуваат архивите во Руската Федерација.
Меѓу предлозите за соработка кои се разгледуваа на средбата беше можноста за организирање на заеднички изложби и истражувања во контекст на воената историја од Првата и Втората светска војна на територија на Република Македонија.
Директорот, г. Кирил Петров го информираше амбасадорот за неодамнешната посета на Москва и за проектите кои ќе се реализираат во постигнат договор со Федералното архивско агентство (РОСАРХИВ), а амбасадорот Баздникин посочи дека Амбасадата е потготвена да помогне во пренесувањето на искуства и остварување на нови контакти помеѓу Државниот архив на Република Македонија и сродни институции од Руската Федерација.
На крајот од средбата присутните се договорија за нови средби на кои ќе се прецизираат роковите и деталите за заеднички активности, со цел продлабочување на соработката.